• Сашо Поповски

Футсал репрезентацијата на Македонија ќе биде домаќин на претквалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство во 2020.
Во Скопје ќе гостуваат Косово, Словенија и Украина, а селекторот Иван Божовиќ откри на кои играчи ќе може да смета за трите клучни меча и какви се нашите шанси за пласман на светскиот собир наредната година.
„Сите што ќе настапат знаат дека мора да дадат и повеќе од своите можности за да оствариме позитивен резултат. Со играчите кои ги имаме на располагање се подготвуваме максимално и на терен ќе излеземе да дадеме сѐ од себе, се надеваме на резултатски добро отворање на турнирот.
За натпреварите од турнирот дефинитивно нема да сметаме на Даниел Де Соуса и Драган Петровиќ поради повреди, а тоа е сериозен удар за шансите на македонската репрезентација силно да се спротивставиме на репрезентациите во групата, посебно на словенечката селекција и да се бориме за второто место.
Во вакви околности, без повредените Даниел и Петровиќ и со недоволно залечените Исмаили и Рамадан, Словенија е фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме однапред.
Украина е топ фаворит за првата позиција и би било сензација доколку не го потврди тој статус“, вели селекторот на Македонија.
Првиот натпревар за нашиот национален тим ќе биде против Словенците, а ден подоцна ќе се сретнеме со најдобрите футсалци од Косово. За крај, в недела, ќе ги одмериме силите со репрезентацијата на Украина.