Божовиќ: Со три победи ја остваривме целта, сакавме да патуваме во Украина

Селекторот Иван Божовиќ по триумфот над Албанија (3-2) и пласманот на футсалците во наредната рунда како првопласирани беше задоволен од прикажаното на турнирот во Скопје. Хрватскиот стратег истакна дека Македонија иако не била комплетна, прикажала борбена игра, која вродила со плод и три победи на три средби, за пласман во наредната рунда како лидер.

„Наша основна цел беше да ја поминеме групата и да во следниот круг играме во групата во Украина. Мора да сме задоволни, затоа што имавме многу проблеми и во составот и со подготвеноста на играчите, но големата желба на играчите и со труд и жртва, направивме резултат каков што посакувавме. Последниот меч беше вистински тест, интересен меч за публиката и мора да бидеме задоволни со резултатот. Сега не чекаат дуели со Украина, Словенија и Косово. Овој пат не бевме комплетни, но ќе направиме се за во октомври да бидеме во целост подготвени“, изјави Божовиќ.

Наредната квалификациска рунда во борбата за пласман на Светското првенство во футсал ќе се игра во октомври, 2019 година, против Украина, Словенија и Косово. Украина важи за прв фаворит во групата, додека останатите селекции ќе се борат за второто место кое носи Елитна рунда.