Божовиќ: Сигурен сум дека вечерва во Велес ќе одиграме на повисоко ниво

Најдобрата македонска футсал репрезентација вечерва во Велес го игра вториот пријателски натпревар против Франција. Нашата селекција на првиот контролен дуел во Скопје со примен гол во последните секунди загуби со 2-1 од реномираниот противник. 

Селекторот на македонската футсал репрезентација, Иван Божовиќ вели дека е задоволен од изданието на неговите играчи на првата пресметка, но мора да се поправи реализацијата на создадените шанси.

„Задоволен сум од повеќето сегменти од нашата игра на првиот натпревар и покрај поразот од Франција во последните секунди. Јасно е дека летната пауза остава трага на формата на играчите, се чувствува дека сме во тренинг кратко време, речиси две седмици. Реализацијата ни беше најголем проблем и тоа е главната причина за поразот. Едноставно, не искористивме неколку одлични шанси за гол. Сигурен сум дека вечерва во Велес ќе одиграме на повисоко ниво и се надевам дека и резултатот ќе биде позитивен. И покрај малите повреди на кои се жалат неколку играчи ќе бидеме во полн состав и ќе покажеме како се бранат боите на Македонија“, за интернет страницата на ФФМ изјави селекторот Иван Божовиќ.

Натпреварот Македонија – Франција во спортската сала во Велес се игра вечерва во 20.00 часот. Влезот е слободен.