Божовиќ: Македонија може да игра бараж за ЕП

Футсал-репрезентацијата на Македонија замина за Казахстан каде ќе ги игра квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое во 2018 година ќе се игра во Словенија.

Противници на „црвено-жолтите“ покрај домаќинот ќе бидат уште Чешка и Данска, а селекторот Иван Божовиќ смета дека нашите футсалци доколку се покажат во вистинско светло може да дојдат најмалку до место во баражот за елитното фудбалско натпреварување.

„Ние сме во завршна фаза на подготовките. Гледавме голем број натпревари од противниците и сметаме дека е направена солидна анализа за квалитетот на екипите. Немаме повредени фудбалери, сите играчи се максимално подготвени и нема никаква дилема дека ќе го дадат макисмумот во обид да ја исполниме нашата цел. Верувам во играчите и сметам дека со заедничка ангажираност можеме да стигнеме до бараж. Како што е познато таму има место за второпласираните од секоја група и за најдобрите третопласирани селекции. Што се однесува до групата, секако главен фаворит за првото место е Казахстан. Тие на последното Европско првенство во Белград се пласираа на третото место. Имаат специфичен стил на игра каде го користат и голманот како играч. Чешка е редовен учесник на сите големи натреварувања и има висок рејтинг. Знаат да играат на резултат. Тука е и квалификантот Данска“, изјави Божовиќ.

Македонија ги почнува квалификациите против домаќинот Казахстан (7 април), а потоа следат натпревари против Чешка (9 април) и Данска (11 април).