Божовиќ ќе го води КМФ Велес наредната сезона

Иван Божовиќ

Тренерот, кој минатата година со екипата на Железарец го направи најголемиот успех во македонскиот футсал, пласманот во елитната рунда на УЕФА Футсал купот и освојување на двојната круна во Македонија, Иван Божовиќ го стави потписот на договорот со КМФ Велес.

Со ова почна да се реализираат зацртаните цели на новиот сопственик на клубот, Васко Скендеровски и претседателот на клубот Бојана Скендеровски. Како што беше најавено на прес-конференцијата, Божовиќ ќе го предводи тимот на КМФ Велес во текот на следната сезона која ќе започне на средината на септември, а воедно и ќе биде предводник на нашата футсал репрезентација. Исто така да напоменеме дека сите играчи кои беа дел од минатогодишната екипа која направи одлични резултати предводена од тренерот Божовиќ, но и со голема помош на управата на чело со Васко Скендеровски и Бојана Скендеровски од синоќа се дел од екипата на КМФ Велес и ги започнаа подготовките за новата сезона. Во рамките на овие подготовки веќе вечерва екипата заминува за Романија каде треба да учествува на турнир во Темишвар со што ќе се надоградува меѓународното искуство.

Од екипата која беше дел од Железарец и ја освои двојната круна минатата сезона, единствено Даниел Де Соуза се реши кариерата да ја продолжи во екипата на Мостар, но сепак останува на располагање на нашата футсал репрезентација. Амбициите на КМФ Велес за новата сезона со новиот тренер и овој играчки кадар се јасни, а тоа е освојување на две титули, шампионатот и купот на Македонија во футсал.