Барса го детронизира Спортинг и четврти пат ја освои ЛШ во футсал

Футсал екипата на Барселона се врати на тронот на Европа и четврти пат ја освои Лигата на шампионите, откако во финалето во Рига беше подобра од Спортинг со 4-0 (2-0). Португалците не успеаја да го одбранат трофејот во елитното натпреварување, а беа и декласирани во финалето. 

Барса во првото полувреме дојде до двојна предност преку Лозано и Пито во 16. и 19. минута, за потоа со погодоците на Ферао и Дидак само да ја потврди победата. Спортинг беше немоќен и го положи оружјето, иако убедливо дојде до финалето со триумф над Асниерес Виленев (6-2). 

Каталонскиот тим го детронизира португалскиот ривал кој беше бранител на ланската титула. Така, Барселона по 2012, 2014 и 2020 година, одново се искачи на тронот на Европа.

Во натпреварот за третото место екипата на Бенфика го надигра францускиот тим со 5-2 и се закити со бронзата во Рига.