Англија го откажа учеството во баражот, Македонија пред промоција во главната футсал фаза

Англиската фудбалска Асоцијација преку официјален допис до Фудбалската федерација на Македонија извести дека футсал репрезентацијата на Англија нема да допатува во Скопје и нема да ги одигра бараж натпреварите за пласман во главната квалификациската фаза за пласман на Европско првенство против нашата селекција кои беа закажани за 8 и 9 ноември во Скопје. 

Епидемиолошката состојба поврзана со епидемијата предизвикана од ковид-19 и препораките од здравствените власти во Англија се причина за откажувањето на Националниот футсал тим на Англија од можноста да се надигруваат во бараж натпреварите за пласман во квалификациите за Европското првенство. 

Одлуката е споделена до УЕФА и се чека на официјална потврда околу пласманот на Македонија во главната фаза квалификации за Европско првенство. 

„За нас е многу важно да се пласираме во главната фаза квалификации за ЕП и тоа беше наша цел и пред да ја добиеме информацијата од англиската асоцијација за нивното откажување. Посакувавме победа на терен, сепак за тоа се подготвуваме и работиме, но ова е време кое едноставно не може да се предвиди и свесни сме за предизвиците со кои се соочуваме од здравствен аспект. Во очекување сме на одлуката на УЕФА, а потоа ќе размислуваме за идните репрезентативни натпревари“, изјави селекторот на футсал репрезентацијата на Македонија, Васко Скендеровски. 

Македонија ќе се најде во групата 4 со репрезентациите на Романија, Србија и БиХ, доколку УЕФА го потврди нашето учество во квалификациите за Европско првенство.