Името на Горан Пандев ќе остане запаметено во фудбалската историја на Македонија. Освен што во моментов струмичанецот е рекордер по бројот на настапи и голови во репрезентацијата, тој е и првиот капитен кој го одведе националниот тим на еден голем собир. Пандев долги години беше дел од репрезентацијата, мина низ сè и сешто, од срамни порази, до славни победи, па кариерата ја заврши како што му доликува, со настап на Европското првенство и првиот гол на Македонија на турнирот.