• Мартин Танасковски
Американскиот клуб кој е во сопственост на Дејвид Бекам, Интер Мајами го ангажираше шпанскиот дефанзивец Серхио Регуиљон, објави официјално колективот.
Левиот бек потпиша договор до крајот на 2027 година, кој вклучува и опција за продолжување на соработката за уште една сезона, доколку бидат исполнети одредени услови. Тимот, кој само пред десетина дена триумфираше со титулата во МЛС, не губи време и експресно обезбеди квалитетна замена за Жорди Алба, кој се повлече од професионалниот фудбал.
„Ова е многу амбициозен проект, клуб кој ги прави работите на правилен начин и победува. Токму тоа ме привлече. Целта на моето доаѓање тука е да продолжам да се борам и да победувам, да се борам за трофеите што му недостасуваат на клубот и да освојам сè што е можно“, изјави Регуиљон.
28-годишниот Регуиљон доаѓа во Интер Мајами по богата кариера во која настапуваше за клубови како Севиља, Тотенхем, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед и Брентфорд. Левиот бек има и шест настапи за репрезентацијата на Шпанија.


