ВИДЕО: Зрињски им одржа нова лекција на „пандевци“ и ги елиминира од Европа

Реваншот меѓу Зрињски и Академија Пандев не донесе ништо ново. Босанците одиграа рутински втори 90 минути и со сигурна победа (3-0) ја елиминираа екипата од Струмица во дебите во квалификациите за Лига Европа.

Првиот дел донесе допадлив фудбал од двете екипи, кои не ја почестија присутната публика барем со еден погодок. Шансите не изостанаа, недостасуваше само поголема концентрација и ефикасност. Домаќинот постигна два погодоци, но истите беа поништени поради недозволена офсајд позиција. Стрелец на двата гола беше Иван Лендриќ.

Се закани и Един Рустемовиќ од слободен удар, но неговиот обид успешно го спречи голманот Марко Алчевски. Капитенот Љупче Дориев и направи големи проблеми на домашната одбрана, но неговите два обиди беа лесен залак за противничкиот голман. Најголемата шанса за струмичани ја пропушти Томислав Илиев кој од непосредна близина биеше по средината на голот.

Последна закана во убавото прво полувреме на стадионот во Мостар ја имаше Станиша Мандиќ кој биеше покрај голот на „пандевци“. 

Резултатот беше отворен пет минути по стартот на вториот дел. Домаќинот направи одлична акција и ја најави втората победа во двомечот. Реализатор беше Станиша Мандиќ, а асистенцијата му припадна на Миљан Говедарица.

Асистентот на првиот гол беше стрелец на вториот за 2-0. Говедарица испрати неодбранлив удар од левата страна, а топката со помош на стативата заврши зад грбот на нововлезениот Давид Денковски

Конечниот резултат во надополнувањето беше дефанзивецот Ренато Гојковиќ кој со многу среќа се израдува на погодок. Противник на Зрињски во следната фаза ќе биде холандски Утрехт