• Иван Димовски

Селекторот на Египет, Хосам Хасан, со необичен гест го привлече вниманието во драматичната завршница од осминафиналниот натпревар против Аргентина на Светското првенство, кој „гаучосите“ го добија со 3-2 по голем пресврт.
По третиот гол на Аргентина, кој во самиот финиш го постигна Енцо Фернандез, клупата на Египет „полуде“, а судијата Франсоа Летексие мораше да ги смирува со картони.
Најмногу внимание привлече селекторот Хасан кој ги крена рацете и ги прекрсти во форма на буквата „Х“. Многумина го протолкуваа потегот како протест, но станува збор за официјален сигнал на ФИФА за пријавување расистичко или дискриминаторско однесување.
Овој знак беше воведен како дел од новиот протокол на ФИФА за борба против расизмот и дискриминацијата, усвоен на 74. Конгрес на организацијата во Бангкок во 2024 година. Со прекрстување на рацете во форма на буквата „Х“, играчите, тренерите и службените лица можат да го известат главниот судија за можен расистички инцидент и да побараат активирање на предвидените процедури.
Според тврдењата на египетскиот селектор, за време на прославата на погодокот на Аргентина имало расистички навреди, поради што го употребил официјалниот сигнал на ФИФА.





