Знаете ли кој го изработил пехарот од Купот на Македонија и кој прв го подигнал?

Велат дека некогаш да се освои Купот на Македонија вреди повеќе од шампионатот. Титулата во Купот има големо значење во фудбалската историја. Во Македонија, многу голем акцент се става на ова натпреварување и секогаш е интересни, бидејќи е микс на екипи од Првата, Втората и понекогаш, Третата лига. Често, фаворитите не се радуваат на трофејот на крајот од сезоната и затоа Купот е интересен и привлечен, за релативно послабите екипи.

Големиот пехар кој му се доделува за победникот во Купот на Македонија е изработен од академскиот вајар Наќо Беќаровски. Пехарот е висок е 51 сантиметар, тежок преку десет килограми и ги отсликува сите битни историски, културни, географски и природни вредности и богатства на Македонија.

Фудбалската топка преставува афион, а горниот цвет на афионот е од четири латици кои ги симболизира четирите дела на Македонија. Под топката се пламените јазици што ја симболизираат вековата борба на македонскиот народ. Столбот е обвиткан со винови лози и грозје што ја симболизира тиквешијата, основата е со фрагменти од историјата и културното наследство на Македонија, Камениот мост и шара на македонскиот килим.

Првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, му го предаде пехарот на капитенот на Вардар, Љупчо Марковски во првото финале од Купот на Македонија одиграно на 23 мај 1993 година меѓу Вардар и Пелистер.

Најтрофеен клуб со пет титули е Вардар. Со четири титули следува Работнички, а три трофеи освои Слога Југомагнат. Шкендија, Тетекс, Пелистер и Силекс имаат по два трофеи.