ВИДЕО: „Змејовите“ покажаа моќ и го зграпчија и второто „О Класико“

Вторпат оваа сезона Порто ја совлада Бенфика и остана во игра за одбрана на титулата во Примеира. Во второто овосезонско „О Класико“ за бодови, вечерва на „Драгао“, избраниците на Серџо Консеисао го совладаа тимот на Бенфика со 3-2 (3-2), во дуел во кој петте гола паднаа во првите 50-тина минути од натпреварот.

  • Извештај од натпреварот: 

Пак, како и на секое големо дерби, имаше многу тензија, натегање и не беше лесно да се биде во кожата на делителите на правдата. Уште во десеттата минута „змејовите“ поведоа со голот на Серџо Оливеира, кој по центаршутот на Отавио ја погоди мрежата на Влаходимос и донесе домашна предност (1-1). „Орлите“ на Бруно Лаж се вратија во натпреварот и Карлос Винициус од отпадок во 18. минута израмни на 1-1.

Клучниот период од натпреварот беше финишот на првиот дел, кога Порто постигна два гола, а Бенфика остана без одговор. Главниот судија Соареш Диаз досуди најстрога казна за Порто во 37. минута, откако ја прегледа ВАР-снимката и ја забележа играта со рака на Фере во својот казнен простор. Алекс Телес казнениот удар го претвори во гол за ново домашно водство (2-1). Победникот беше решен во 44. минута кога Диаз си даде автогол по центаршутот по земја на Отавио од десната страна.

Вториот дел започна во голем стил и Карлос Винициус со својот втор гол во 50. минута намали на 3-2. Подоцна темпото на игра драстично опадна во вториот дел, Порто ја „нагази“ топката и Марчесин скоро и да немаше интервенции по нападите на Бенфика. Сеферовиќ и Самарис влегоа од клупата, но нивото на игра на Бенфика не се подигна. Порто лесно го приведе натпреварот кон крај и намали на само четири бода зад лидерот Бенфика.

Двете екипи имаат реални шанси да се сретнат и во финалето на Купот на Португалија.