Злато вреден гол на Ѓорѓиевски, Брера слави во дербито за опстанок со Воска!

Фудбалерите на Брера Струмица славеа во дербито за опстанок против Воска Спорт со 1-0 (0-0), во рамките на 27. коло на ПМФЛ. Избраниците на Бојан Круљ го скршија отпорот на гостинската екипа во втората минута од судиското продолжение и преку херојот Мартин Ѓорѓиевски дојдоа до златни три бода. Во натпревар во кој голманите Алчевски и Захов го имаа главниот збор, Воска му подари погодок и победа на домаќинот на стадионот „Кукуш“ во Турново.

Круљ се одлучи да ги остави Цветановски и Де Паула на клупата и шанса од првата минута добија Трајков и Андонов. Захариевски одговори со затворен систем 3-5-2, со Ѓорѓиев и Марушиќ во нападот. Веднаш се забележа дека двете екипи се затворени и не ризикуваат, па во првиот дел имаше само еден удар кон двата гола, безопасно упатен од гостинскиот табор.

Топката почесто беше кај струмичани, кои во 30. минута ја имаа единствената полушанса пред одморот. Јанкулов центрираше, сите ја промашија топката, а Димитар Трајков за малку задоцни на втора статива. Захариевски беше принуден да менува, па наместо повредениот Јахја во 35. минута во игра влезе Бразилецот Менсалао. Токму тој го упати единствениот удар во првиот дел, но во 39. минута биеше високо преку голот на Брера. Се обидуваа струмичани да го пробијат гостинскиот блок и во второто полувреме, ама вистинските шанси изостанаа. 

Отворената игра на Брера за малку не ѝ се одби од глава, бидејќи Воска имаше колосална шанса. Некаде во 57. минута огромна можност за водечки гол имаше гостинската екипа. Топка низ одбраната доби Алекса Марушиќ, биеше и го измами голманот Алчевски, ама ударот му заврши во стативата и струмичани се извлекоа. Бргу потоа следеше и најзрелата можност за Брера, откако Стамениќ се снајде и нафрли на петерецот, а таму Ивковиќ со глава изнуди ефектна парада на голманот Захов. И втората голема шанса струмичкиот прволигаш ја имаше по центаршут и удар со глава. Овојпат Руфати беше највисок во скокот, ама одново искусниот чувар на мрежата на Воска го спаси својот гол. До крајот на натпреварот гостинската екипа беше поконкретна, го притисна домаќинот и можеше да дојде до победата. Главен „виновник“ што остана почетниот резултат беше голманот Марко Алчевски, кој прво навремено пресече опасна акција, а потоа одбрани зицер на Марушиќ. Пред голот на Костадин Захов во два наврати се обиде да дојде до гол резервистот Мато. Отпорот на гостите пукна во судиското продолжение, Медин Бајрами погреши и му сервира шанса на Мартин Ѓорѓиевски. Капитенот на селекцијата до 19 години на Македонија ја искористи можноста и го постигна победоносниот погодок во 92. минута (1-0). 

Со оваа победа Брера Струмица дојде на 33 бода и се стабилизира на седмата позиција, додека Воска Спорт остана на 28 бода на десеттото место.