• Мартин Танасковски
Францускиот напаѓач Антони Марсијал (29) е пред официјализација на трансферот во мексиканскиот гигант Монтереј. Веста ја објави добро познатиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо, кој потврди дека постигнат е конечен договор, а фудбалерот добил дозвола од својот актуелен клуб АЕК Атина да отпатува за Мексико, каде ќе ги мине медицинските прегледи и ќе стави потпис на договорот.
Во Монтереј, Марсијал ќе дели соблекувална со уште едно големо фудбалско име – искусниот дефанзивец Серхио Рамос, што дополнително го зголемува интересот кај јавноста за проектот на мексиканскиот прволигаш.
Кариерата на Марсијал започна во Лион, а потоа во 2013 година се пресели во Монако. Две години подоцна направи голем трансфер во Манчестер Јунајтед за рекордна отштета за млад играч, а истата година ја доби престижната награда „Golden Boy“ за најдобар млад фудбалер во Европа. Во јануари 2022 година беше на позајмица во Севиља, а изминатиов период настапуваше за АЕК Атина.
Марсијал дебитираше за француската репрезентација во 2015 година, а само една година подоцна беше дел од националниот состав кој играше во финалето на Европското првенство. Со Манчестер Јунајтед освои повеќе трофеи: ФА Куп, ЕФЛ Куп, Комјунити Шилд и Лига Европа, оставајќи значаен белег на „Олд Трафорд“.
Монтереј е еден од најпознатите клубови во мексиканската Лига МХ. Навивачите веќе подолго време сонуваат за титула. Последната шампионска круна ја прославија пред 15 години. Сепак, оваа сезона тимот тргна одлично и по седум кола се наоѓа на првата позиција на табелата, а пристигнувањето на Марсијал се гледа како големо засилување во битката за трофеи.

