• Мартин Танасковски

Пред десет години Ренато Санчез важеше за едно од најголемите чуда на европскиот фудбал. Денес, на 29-годишна возраст, по раскинот на договорот со ПСЖ, португалскиот репрезентативец е слободен агент и во потрага по нов клуб.
Санчез блесна на Европското првенство во 2016 година, кога како 18-годишник беше еден од клучните играчи во походот на Португалија кон европската титула. Особено се истакна во осминафиналето против Хрватска, кога влезе во игра во второто полувреме и целосно го промени текот на натпреварот. По освојувањето на европската круна, Санчез беше прогласен за најдобар млад играч на турнирот, а истата година ја освои и престижната награда „Златно момче“ во светскиот фудбал. Баерн Минхен веднаш реагираше и за неговиот трансфер од Бенфика плати 35 милиони евра. Во 2017 година, Ренато Санчез беше одличен на Европското првенство У21, на кое Португалија играше во групната фаза со Македонија.
Сепак, неговата кариера не се развиваше според очекувањата. Во Минхен не успеа да се наметне, а ниту позајмицата во Свонси не донесе посакуван напредок. Честите повреди сериозно го забавија неговиот развој, па Баерн во 2019 година го продаде во Лил за 20 милиони евра. Најдобрите денови по заминувањето од Бенфика ги имаше токму во Франција. Со Лил во сезоната 2020/21 сензационално ја освои титулата во Лига 1 пред моќниот ПСЖ, а Санчез беше еден од најважните играчи во средниот ред. Неговите настапи го натераа токму ПСЖ да го доведе во Париз, но и таму не успеа да ги оправда очекувањата.
Проблемите со повредите продолжија, а во последните години следуваа позајмици во Рома, Бенфика и Панатинаикос. Во ниту една од овие средини не успеа да ја врати формата што го направи еден од најпосакуваните млади фудбалери во Европа. По раскинот на договорот со ПСЖ, Санчез е слободен агент и подготвен за нов предизвик. За репрезентацијата на Португалија одигра 32 натпревари, а последниот настап го забележа во ноември 2021 година во квалификациите за Светското првенство против Србија.
Некогашниот „Голден Бој“, кој пред една деценија беше проценуван како иднина на европскиот фудбал, денес според „Трансфермаркт“ вреди околу два милиони евра, што најдобро покажува колку драматичен пресврт доживеа неговата кариера.
