• Мартин Танасковски

„Златната“ и најуспешна генерација на ФК Тетекс, која во сезоната 1981/1982 го оствари најголемиот успех во историјата на клубот со настап во Првата југословенска лига, синоќа имаше навистина историска средба во Тетово. Легендите на тетовскиот фудбал повторно се собраа за да ги оживеат најславните моменти на клубот и да го одбележат подвигот кој засекогаш остана врежан во колективната спортска меморија на градот.
На едно место се најдоа фудбалерите кои оставија неизбришлива трага како што се Никетиќ, Савиќ, Урошевиќ, Петров, Јосифоски, Маџунаров, Новичиќ, Беадини, Георгиевски, Јаковљевиќ, Лазаров и Симовски. Тие пристигнаа од сите делови на Македонија и поранешна Југославија, обединети од желбата да ги споделат спомените од времето кога Тетекс го достигна својот врв. Средбата, исполнета со огромни емоции и носталгија, беше вистинска ретроспектива на патот до историскиот пласман во најсилната југословенска лига — момент кој за многумина претставува најголемо постигнување на тетовскиот фудбал.
Организатор беше генерацијата ветерани од подоцнежните години на Тетекс, а меѓу присутните имаше поранешни играчи, тренери, клупски претседатели, секретари и други лица кои низ децении биле дел од клубот. Настанот претставуваше мост меѓу епохите и потсетник на заедништвото кое отсекогаш било препознатливо за Тетекс. Во знак на благодарност и почит, организаторите им поделија на 15-те членови на легендарната генерација специјални дресови со нивните имиња и бројевите што ги носеа во двете незаборавни сезони, гест кој предизвика искрени и емотивни реакции кај ветераните.
Тетекс во сезоната 1980/1981 ја освои Втората сојузна лига – Исток со 15 победи, 7 ремија и 8 порази, гол-разлика 30:18 и вкупно 37 бодови, што му го донесе историскиот пласман во елитата. Во Првата сојузна лига клубот настапуваше една сезона (1981/1982), по која го заврши првенството на 17. место и се врати во второлигашкото друштво.
