Златко Далиќ продолжува со Хрватска до 2026 година

Најуспешниот хрватски фудбалски селектор, Златко Далиќ, сосема очекувано го продолжи договорот со федерацијата и ќе остане предводник на „коцкестите“ до истекот на 2026 година. 

56-годишниот Далиќ дојде на кормилото на хрватската репрезентација во 2017 година и оттогаш успеа да ги постигне најголемите успеси во историјата на националниот тим. Вчера тој го продолжи својот договор со хрватската фудбалска федерација до 2026 година и повеќе од заслужено ќе биде кормилар на неверојатната група фудбалери кои во неговиот мандат како селектор успеаја да стигнат до два спектакуларни резултати. 

„Навистина сум почестен што и понатаму ќе ја предводам Хрватска. Задоволството е неизмерно, да бидеш тренер на овие прекрасни момци е навистина голем благодет, се радувам на иднината со хрватската репрезентација. Без разлика што успеавме да оствариме прекрасен успех, јас сум уште гладен за новите предизвици и се надевам дека и по истекот на овој договор, ќе можеме со големо задоволство да се вратиме на досега сработеното“, изјави харизматичниот селектор.

Златко Далиќ ја предводеше Хрватска до два медала на Светските првенства. Најпрво во 2018 година во Русија го оствари најголемиот успех во историјата, играјќи во големото финале против моќната Франција, а четири години подоцна, на неодамна завршеното Светско првенство во Катар, Хрватска повторно забележа огромен успех, стигна до полуфиналето и успеа да се закити со бронзениот медал. 

Кога на овие успеси ќе се придодаде и бронзата од 1998 година во Франција, може слободно да се каже дека Хрватска е убедливо најуспешната фудбалска репрезентација од поранешните Ју-простори.

Златко Далиќ ужива огромна популарност, има неизмерна почит од сите фудбалери и фанови во Хрватска, па не е чудно што федерацијата му го продолжи договорот на селекторот кој ги вивна во светските фудбалски височини.