ВИДЕО: „Златен“ гол на Младеновски, Шкупи последен полуфиналист во Купот

Екипата на Шкупи славеше со минимални 0-1 (0-1) на гостувањето кај Работнички во последниот натпревар од четвртфиналето на Купот на Македонија. Чаирчани беа подобар ривал и заслужено го „чекираа“ учеството во полуфиналето од најмасновното натпреварување. ​

Шкупи уште на стартот од натпреварот покажа дека е расположен за игра и веднаш тргна во напад кон домашниот гол. Чаирчани имаа повеќе од играта, а до 10. минута имаа и две солидни шанси. Резултатот беше отворен пет минути подоцна, кога Марио Младеновски искористи одлично нафрлена топка од Али Адем и со глава го матираше голманот Алексовски од само 2-3 метри. Гостите поведоа со 0-1, имаа и уште две колосални шанси за удвојување на водството, но истиот резултат остана и на паузата меѓу двете полувремиња. 

Вторите 45 минути понудија малку поангажирана игра од Работнички, но Шкупи делуваше цврсто и стабилно на средината од теренот. Во завршните дваесетина минути гостите се обидуваа рутински да го приведат натореварот кон крај, но дебармаалци се обидуваа да дојдат до израмнување. Домашните имаа една добра шанса во 75. минута и бараа играње со рака во шеснаесетникот на Шкупи, но главниот судија одмавна со раката и не досуди пенал. 

Последните десет минути минаа повеќе во знакот на домашниот тим, но Работнички никако не успеваше да дојде до целта и да постигне погодок. Шкупи умешно се одбрани, двапати одлично реагираше и голманот Иљази, по што веќе беше јасно дека гостите од Чаир ќе запишат минимална победа со резултат 0-1. 

Шкупи е последниот патник во полуфиналето од Купот на Македонија, а таму своето учество веќе го резервираа Македонија Ѓорче Петров, Воска Спорт и Тиквеш.