Зинедин Зидан ги разреши дилемите околу иднината на Рафаел Варан

Рафаел Варан уште во 2011 година, како 18-годишно момче пристигна во Реал Мадрид. Францускиот стопер од Ленс направи трансфер од соништата, доаѓајќи на „Сантијаго Бернабеу“. Сепак, во последниов период се шпекулира дека тој би можел да замине. 

Како најзаинтересиран за него во минатите преодни рокови беше Манчестер Јунајтед, но тренерот на мадриѓани, Зинедин Зидан нагласи дека Варан нема да оди никаде.

„Ставот на клубот е исто како мојот - Варан останува наш играч. Сè е јасно по тоа прашање. Не можеме никому да забраниме да зборува, но тоа нема да ја смени нашата одлука“, изјави Зидан. 

Стоперот на Реал Мадрид има преку 200 настапи за овој тим, а беше дел од сите четири титули во Лигата на шампионите оваа деценија. Покрај тоа, Варан се закити и со медали од освојувањето на три трофеи во Примера, три Светски клупски титули и една во Купот на Кралот.