• Мартин Танасковски
Мароканскиот репрезентативец Хаким Зијеч има нов клуб во својата кариера. Откако ја заврши кратката епизода во Видад Казабланка, искусниот офанзивец кариерата ќе ја продолжи во бразилскиот гигант Ботафого.
Поранешниот фудбалер на Ајакс, Челси и Галатасарај во Рио де Жанеиро пристигнува како слободен агент, а по успешно завршените медицински прегледи се очекува да потпише двегодишен договор со бразилскиот клуб. Зијеш не го крие воодушевувањето од можноста да настапува во земјата која многумина ја сметаат за синоним за фудбал.
„Бразил е број еден кога станува збор за фудбалот. Тука фудбалот е начин на живот и сакам да го почувствувам тоа“, изјави Зијеч за клупските медиуми на Ботафого.
Триесет и тригодишниот Мароканец зад себе има богата кариера, а најголемите успеси ги оствари со Ајакс и Челси. Со лондонскиот клуб ја освои Лигата на шампионите, додека со репрезентацијата на Мароко беше дел од историскиот успех на Светското првенство во Катар во 2022 година, кога африканската селекција стигна до полуфиналето.




