Зидан: Заедно сме кога е најтешко, горд сум на карактерот на момците

Фудбалерите на Реал Мадрид не попуштија под притисокот на Ливерпул во реванш четвртфиналето од Лигата на шампионите и заслужено се пласираа во следната рунда, а по мечот во Англија, Зинедин Зидан, беше горд на карактерот што неговиот тим го покажа.

Гигантот од Мадрид ремизираше без голови на „Енфилд“ против тимот на Јирген Клоп и со тоа се пласираше во полуфиналето, задржувајќи ја предноста од Мадрид од 3-1.

„Заслуживме да одиме понатаму и мило ми е за момците. Овој резултат ќе ни даде дополнителна самодоверба пред клучниот дел од сезоната. Со самиот пласман во полуфиналето, ние направивме успех, но сè уште не сме освоиле ништо. Јас сум многу горд на она што го покажуваме. Сега е време да се одмориме и малку да уживаме во резултатот. Вложивме многу труд.

Имавме три исклучително важни натпревари во една недела и одушевени сме тоа како се одвиваа работите. Не е лесна задача да се биде тука каде што сме сега. Горд сум на карактерот на играчите - тие покажуваат единство кога се во тешки ситуации“, изјави тренерот на Реал Мадрид.

„Кралевите“ во борбата за финале за противник го имаат тимот на Челзи, додека втората полуфинална двојка ја сочинуваат Манчестер Сити и ПСЖ.