Зидан: Тешко е да го прифатиме крајот, ама Челзи заслужи финале!

Зинедин Зидан, стратегот на Реал Мадрид, беше видно разочаран по елиминацијата од Челзи од Лигата на шампионите. По средбата на „Стемфорд Бриџ“, тренерот на „кралевите“ потенцира дека англискиот премиерлигаш победил заслужено и вели дека сега Реал ќе биде фокусиран кон домашната сцена.

„Челзи ја заслужи победата. Ние се боревме до крај, ама противникот беше тој што заслужи да игра финале. Играчите кои беа на терен заслужија да играат. Јас сум горд на мојот тим, се обидовме да ги повториме старите успеси и дојдовме на меч до финалето. Моравме да бидеме подобри во нападот. Немавме чисти шанси, а противникот имаше повеќе и тоа е фудбалот. Но, како што кажав, јас сум горд на момците, сега ќе се одмориме, па ќе мислиме на Примера. Секако дека не сме среќни, затоа што кога ќе загубиш полуфинале, не може да си задоволен. Тешко е да го проголтаме фактот дека сме елиминирани, но од утре се враќаме во нашиот тренинг центар и ќе работиме за понатаму“, кажа Зидан.

Реал Мадрид сега ќе го брани тронот во Примера, но конкуренцијата е голема, затоа што бодовно блиску при врвот се и Атлетико Мадрид и Барселона.