Зидан: Се чудам зошто го свиркаат Бејл, а му аплаудираат на Иско! 

Фудбалерите на Реал Мадрид конечно одиграа натпревар како во најдобрите денови под водство на Зинедин Зидан. „Кралевите“ со сигурни 3-0 пред својата публика го решија Атлетик Билбао, а домашната победа можеше да биде уште поубедлива доколку Герејт Бејл беше поприсебен во самиот финиш кога имаше можност да реализира зицер. 

Откако неговиот удар не заврши во мрежата на тимот од Билбао, домашните фанови повторно го „поздравија“ Велшанецот со свирежи, исто како и при неговото влегување во игра во 70. минута. Тогаш покрај него во игра влезе и Иско, но тој доби аплаузи од публиката, контраст што не му јасен ниту на Зинедин Зидан. 

„Штета што Бејл не ја искористи шансата за погодок, тоа ќе беше многу добар момент за него. Навистина ми е жал, сакам да го гледам како ги тресе противничките мрежи. Доколку мислите дека нешто ќе кажам за неговата иднина, се лажете. До крајот на сезоната има уште многу работа за нас, а по завршувањето ќе може да разговараме за тоа. Сега, искрено се чудам како фановите го свиркаа Бејл, а му аплаудираа на Иско. Навистина не ми е јасно“, рече Зидан. 

Прва ѕвезда на вчерашната победа на Реал Мадрид над Атлетик Билбао беше Карим Бензема, постигнувајќи ги трите гола и тоа сите во второто полувреме.