Зидан на маки: Рамос се повреди непосредно пред првото „Ел Класико“

Во едно од најнеубедливите изданија на Реал Мадрид со Зинедин Зидан на клупата, Реал Мадрид загуби на домашен терен од новиот прволигаш Кадиз со 0-1 (0-1), а го загуби и капитенот Серхио Рамос заради повреда.

Капитенот Рамос, беше заменет поради болка во коленото и на негово место во игра влезе Милитао. Повредата доаѓа во незгоден момент, на само три дена пред дебито во Лигата на шампионите против Шахтјор во вторник и „Ел Класико“ следниот викенд на „Камп Ноу“.   

Рамос играше на три натпревари за шпанската репрезентација (против Португалија влезе од клупата, а против Швајцарија и Украина играше од првата минута), па четири натпревари во девет дена му беа премногу. 

Зидан нема да може да смета на Азар, Одергард, Одриозола и Карвахал за следните два натпревари, но ниту едно отсуство не е така чувствително како евентуалното неиграње на капитенот.