Зидан: Ако тоа е негова желба, зошто Погба не би дошол во Реал Мадрид?

Зидан

Повратникот на клупата на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, на прес-конференција зборуваше за Пол Погба, кој се поврзува со „кралскиот“ клуб како потенцијално засилување ова лето. Тренерот истакна дека му се допаѓа играта на Французинот и дека би го прифатил во Реал.

„Ми се допаѓа Погба и тоа не е ништо ново. Го познавам, тоа е фудбалер различен од останатите. Придонесува многу за екипата и тоа го прави посебен. Знае да прави многу работи на теренот. Тој е играч за врска кој знае да игра дефанзива, но и да напаѓа. Кога ќе сака да си замине од Манчестер Јунајтед, зошто не би дошол во Реал Мадрид?“ , рече Зизу на прес-конференцијата.

Претседателот Флорентино Перез ќе има работно лето во кое ќе мора да одлучи кои ѕвезди да го донесе на „Сантијаго Бернабеу“. Тој ги сака Килиан Мбапе и Нејмар, а тренерот на екипата не крие дека сака да соработува со имиња како Еден Азар, Пол Погба, Садио Мане...

26-годишниот француски репрезентативец е најскапо платениот фудбалер во историјата на „црвените ѓаволи“, кои одвоија богатство за да го доведат од редовите на Јувентус. Поради тоа, нивните барања при евентуални преговори со мадриѓани очекувано би биле астрономски.