Жуниор: Сега уживам со син ми, едвај чекаме кризата да заврши

Жуниор е еден од странците кои во моментов се во Македонија, додека трае пандемијата со коронавирусот низ целиот свет. Бразилецот кој настапува за Вардар за Gol.mk раскажа како ги живее овие моменти и како се справува со карантинот.

Еден од најдобрите играчи на „црвено-црните“ и воедно најстандарден оваа сезона вели дека ги почитува сите препораки од клубот, а слободното време во карантинот и самоизолацијата го минува со синот.

„Поголемиот дел од времето го минувам дома, максимално ги почитувам сите препораки кои беа донесени од надлежните и од клубот. Тренирам индивидуално, имаме програма и тоа е се што може да се направи во моментов. Мора да го задржиме сите трпението, едвај чекаме пандемијата да се стабилизира. Добро е што семејството е тука со мене, во слободното време уживам со син ми“, вели Жуниор.

Но, не цело семејство на Жуниор е во Македонија. Неговите родители се во Бразил, исто е и со пријателите, а тој е во редовен контакт со нив.

„Во Бразил се моите родители и пријателите. Состојбата станува малку опасна затоа што вирусот се шири многу брзо. Државата презема мерки и се обидува да се справи со ситуацијата. Луѓето се во карантин, исто како и овде, се надеваат дека се ќе заврши што е можно побрзо“, вели Бразилецот.

Вардар е лидер во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а пандемијата го прекина тимот на Васоски кон враќањето на тронот во мак-фудбалот. Екипата има двоцифрена предност на табелата во однос на второпласираниот Силекс и бега десет бода, додека разликата со Шкендија е единаесет бода.

Спортот во Македонија во моментов е во прекин, а не се знае дали и кога ќе продолжи.