• Мартин Танасковски
Жозе Мурињо воведе строга дисциплина во Реал Мадрид. Искусниот португалски стратег поставил пет јасни правила кои сите фудбалери на „кралскиот клуб“ ќе мора да ги почитуваат од почетокот на новата сезона.
Мурињо минатото лето се врати на „Сантијаго Бернабеу“, откако раководството на Реал реши да се раздели со Чаби Алонсо и Алваро Арбелоа поради резултати под очекувањата. Според англиски „talkSPORT“, првото правило се однесува на доцнењето на тренинзите. Секој играч кој ќе задоцни веднаш ќе биде отстранет од групната работа и ќе мора индивидуално да тренира во теретана.
Второто правило е уште построго – секое доцнење автоматски значи дека фудбалерот нема да биде во комбинација за следниот натпревар. Интересно е што Мурињо не планира да воведува парични казни. Според него, финансиските санкции немаат вистински ефект врз играчи кои заработуваат огромни суми. Како пример се наведува Килијан Мбапе, кој неделно инкасира повеќе од 600.000 евра.
Третото правило се однесува на рехабилитацијата по повредите. Играчите ќе мора да ги спроведуваат сите третмани под надзор на клупските лекари и во просториите на клубот, додека приватните терапии се забранети. Последните две правила се поврзани со исхраната. Сите фудбалери се должни строго да го следат нутриционистичкиот план изработен од клубот, без самостојно да одлучуваат што и кога ќе јадат.
Според британските медиуми, дел од инспирацијата за овие мерки Мурињо ја пронашол кај тренерот на Барселона, Ханси Флик, кој исто така е познат по строгите правила и високите стандарди во соблекувалната. Барселона и Реал Мадрид се очекува повторно да водат жестока битка за титулата во Ла Лига. Каталонците се актуелни шампиони, додека „кралевите“ минатата сезона останаа без ниту еден голем трофеј.

