„Жозе ги следи натпреварите на Баерн и би бил подготвен ако добие повик“

Празното тренерско место во екипата на Баерн Минхен е темата број еден во европскиот фудбал деновиве. Сите шпекулираат кој би можел да биде замената за Нико Ковач, а на листата се неколку познати имиња.

Меѓу нив фаворит е Арсен Венгер, кој би прифатил да се врати на фудбалот и да работи во баварскиот тим. Тука е и Жозе Мурињо, кој исто така е без ангажман. Негов близок соработник вели дека Португалецот ќе биде подготвен доколку доби повик.

„Жозе би сакал да работи во Баерн. Тој веќе извесно време ги следи натпреварите на тимот и тоа многу интензивно и би сакал да работи со фудбалски специјалисти како Румениге и Ули Хенес во иднина. Жозе би бил подготвен ако добие повик“, велат блиски извори до португалскиот тренер.

Од декември минатата година, Мурињо е без работа, кога заработи отказ од Манчестер Јунајтед. Подолго време чека шанса да се врати на фудбалската игра, а моменталната ситуација во Минхен е идеална за него.