• Иван Димовски
Жоао Педро привлече внимание на себе, бидејќи со три гола во полуфиналето и финалето беше еден од хероите на Челзи во походот кон трофејот на Светското клупско првенство. Бразилецот даде атрактивен гол во финалето против ПСЖ, лобувајќи го Донарума одблизу.
По натпреварот Педро се најде во немила ситуација, бидејќи лутиот Луис Енрике го турна в лице. Сепак, коментарот на бразилскиот фудбалер по случката не беше нападен, напротив тој нагласи дека турканиците и тензиите се дел од играта.
„Јас бев таму да го заштитам Андреј Сантос. Видов дека беше опколен со многу луѓе, а јас како добар Бразилец бев тука во негова заштита. Имаше многу туркања и тензија, но тоа е дел од играта. Мислам дека противникот е лош губитник.
Минав 40 дена на одмор и влетав среде шампионат и тоа во натпревари против големи екипи. Ова што го доживувам е неповторливо. Пред неколку недели работев со личен тренер, а сега сум светски првак. Оваа екипи заслужи сега да слави“, изјави Педро.
Среде турнир Жоао Педро пристигна во Челзи од редовите на Брајтон. По доаѓањето веднаш придонесе со три погодоци.


