• Саше Љолес
Легендарниот португалски фудбалер, Жоао Мутињо, потпиша нов договор со Брага, што значи дека ќе се задржи во тимот најмалку до истекот на следната сезона.
39-годишниот играч за врска стави потпис на нова соработка, иако многумина веројатно очекуваа дека ќе ја заврши кариерата.
Мутињо во текот на својата богата кариера одигра повеќе од илјада натпревари настапувајќи за Спортинг Лисабон, Порто, Монако, Вулверхемптон и Брага, додека за репрезентацијата на Португалија забележа дури 146 настапи.
Во Брага пристигна во летото 2023 година како слободен агент по заминувањето од Вулверхемптон, но и покрај поодминатите години продолжи да игра на високо ниво, што му донесе и нов договор со португалскиот клуб.
Досега во дресот на Брага одигра 136 натпревари, постигна шест голови и запиша седум асистенции. Неговата кариера трае од 2004 година, што е навистина импресивно, со оглед на фактот дека е професионален фудбалер повеќе од две децении.




