Жижовиќ: Оваа победа е важна за зголемување на самоводербата пред дербито со Струга 

Екипата на Шкупи по пресврт славеше победа на денешното соочување со Воска Спорт во Охрид (2-3).

Своја оценка за одиграната партија на чаирчани даде тренерот Жижовиќ, кој истакна дека ќе се обиде заедно со играчите да ги намали грешките и да продолжи со акумулацијата на бодовите.

„Важна победа за нас, поради тоа што имавме многу лош старт. Не почнавме како што треба, примивме гол во дванаесеттата секунда, но собраве сили, знаење и квалитет за да го свртиме натпреварот во наша корист. Генерално, требаше многу порано да го завршиме натпреварот, но во последните седум-осум минути резултатот донесе мала нервоза, бидејќи имавме најмалку три-четири шанси да постигнеме гол и да ставиме точка, но на крајот моравме да се браниме. Грешките мораме да ги намалиме на минимум, бидејќи само така ќе продолжиме да освојуваме бодови.

Оваа победа е важна за зголемување на самоводербата пред дербито против Струга Трим Љум на „Чаир“ идната недела“, вели Жижовиќ.

Со денешните три бода Шкупи застана на втората позиција на табелата со еден бод помалку од лидерот Шкендија.