• Горан Упале

Женскиот фудбалски клуб Пелистер упати отворен повик до сите девојчиња од Битола кои сакаат да се занимаваат со фудбал и да станат дел од зелено-белото семејство.
Младинската школа на битолскиот клуб започна со упис на нови членови, а поканата е наменета за девојчиња родени во 2010, 2011 и 2012 година. Без разлика дали веќе имаат фудбалско искуство или сакаат да ги направат своите први чекори на теренот, во ЖФК Пелистер ќе добијат можност да тренираат во организирана и професионална средина.
Од клубот порачуваат дека целта е да се создаде силна база на млади фудбалерки од Битола и околината, кои преку правилен развој ќе напредуваат низ младинските категории и во иднина ќе бидат носители на играта во сениорскиот тим на ЖФК Пелистер.
Со оваа иницијатива, ЖФК Пелистер испраќа јасна порака дека фудбалот е спорт и за девојките, а сите заинтересирани имаат можност да станат дел од клубот и да го носат зелено-белиот дрес.
Уписите се во тек, а клубот ги повикува сите љубители на фудбалот да ја искористат можноста и да станат дел од новата генерација фудбалерки на ЖФК Пелистер.