Жезус: На Ристовски му треба време да се адаптира, но добро е што ни носи мир кога е на терен!

Македонскиот репрезентативец, Стефан Ристовски, синоќа го имаше своето деби на португалската сцена, откако се најде во стартиот состав на Спортинг Лисабон во Лига Куп натпреварот против Маритимо. 

Мечот изненадувачки заврши без победник (0-0), но она што нас најмногу не интересира е настапот на нашиот бек. Стефан одигра квалитетни 90 минути, а потврда за тоа се пофалбите кои стигнаа од страна на фановите, како и зборовите на тренерот Жорж Жезус, кој по мечот изјави: 

„На Стефан му треба уште малку време за целосно да се адаптира на овој стил на игра кој се практикува во Португалија. Сепак, тој ни носи мир кога го немаме првиот бек Пачини. Се надевам дека во продолжението од сезона ќе бележи подобри игри. Имаме пеколна есен, па потребни ни се сите употребливи сили“.

Стефан пред една седмица дебитираше и во Лигата на шампионите, откако во 88. минута влезе на гостувањето кај Олимпијакос, на кое Спортинг славеше минимална победа од 3-2.