• Саше Љолес
Интер е нов шампион на италијанската Серија А. „Нероаѕурите“ ја обезбедија титулата уште на три кола пред крајот на сезоната, но тоа не значи дека завршницата во првенството нема да биде интересна.
Следува жестока битка за местата што водат во Лигата на шампионите, за кои се борат вкупно пет екипи - Наполи, Јувентус, Милан, Рома и Комо.
Наполитанците пропуштија голема шанса со поразот од Болоња на домашен терен (2-3), но и натаму ги држат работите во свои раце. Во слична ситуација се Јувентус и Милан, кои мораат да ги добијат последните два меча, а Рома и Комо ќе мораат да соберат што повеќе бодови, но ќе зависат и од другите резултати.
Пропозициите велат дека ако неколку екипи завршат со ист број бодови, ќе се гледа нивниот меѓусебен дуел, а потоа и гол-разликата, како и вкупниот број на постигнати голови. Според првиот параметар, Наполи има добра позиција, Јувентус е за нијанса подобар од Милан, а „росонерите“ се во подобра ситуација од Рома и Комо.
Битката ќе трае до последната секунда од првенството и ќе претставува вистинско уживање за навивачите. Целото 37. коло во Серија А ќе се одигра во еден ден (17 мај), а кандидатите за Лигата на шампионите ќе играат во пладневниот термин од 12:30 часот.
Ќе се води битка и за останатите места кои водат во евро-куповите. Лацио има шанса да игра во Лига Европа ако го победи Интер во финалето од Купот на Италија, а доколку слават „нероаѕурите“, петтото и шестото место носат пласман во Лига Европа, додека седмата позиција води во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.