• Мартин Танасковски
Фудбалскиот клуб Саса од Македонска Каменица не тргна во Втората македонска лига (ВМФЛ) според посакуваното и најавени се промени. Каменичани се претпоследни на табелата, тоа го запали алармот и го повика Управниот одбор на состанок.
На средбата е одлучено дека мора да следи анализа на играчкиот и тренерскиот потенцијал, а исто најавено е и дека доаѓа нов претседател, затоа што актуелниот Борче Максимов најавил оставка. Ќе се прави и ревизија на финансиското работење, за постоечките долгови
„Вчера во клубските простории од Куќата на спортот во Македонска Каменица, се одржа состанок на Управниот одбор на ФК Каменица Саса. На состанокот присуствуваа и членови на Собранието на клубот. По барање на раководството на клубот, на состанокот присуствуваше и градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски кој непосредно се запозна со проблемите со кои се соочува клубот.
Целта на состанокот беше надминување и детектирање на причините за слабите резултати на клубот во првите пет кола од II мфл. Од вчерашниот состанок, по исцрпната расправа, произлегоа следниве три заклучоци:
– незадоволство од Рудникот Саса за последните две сезони за енормното намалување на финансиските средства што е голем проблем за опстојувањето на клубот и акумулираните долгови кои се доста високи. За таа цел, ќе биде формиран тим кој ќе побара состанок со генералниот директор на Рудник Саса со цел потпишување на повеќегодишен договор за финансиска помош на ФК Саса;
– да се направи анализа на играчкиот и тренерски потенцијал со цел подобрување на играта и резултатите и
– да се направи ревизија на финансиското работење со цел да се утврди причината за големиот долг кој го има клубот.
За во петок 22.09.2023 година, е закажано вонредно Собрание на ФК Каменица Саса, на кое ќе биде избиран нов претседател на клубот. Досегашниот претседател на клубот Борче Максимов, најави оставка“, се вели во соопштението од состанокот.
Саса е претпоследна на табелата и по четири кола во ВМФЛ има само еден освоен бод.