Ждрепка за Копа Америка: Аргентина доби група по мерка, Бразил налета на Колумбија

Јужноамериканската фудбалска федерација (КОНМЕБОЛ) ја одржа ждрепката и ги извлече групите за следното издание на Копа Америка. Четирите групи со по исто толку тимови се познати, за турнирот кој ќе се одржи од 20 јуни до 14 јули следното лето. Ова натпреварување ќе се поклопи и со Европското првенство кое се игра во истиот термин. 

Групната фаза ќе понуди интересни пресметки уште на стартот на турнирот. Аргентинците налетаа на Перу и Чиле, а го чекаат последниот ривал. Во групата на Бразилците се Колумбија и Парагвај, чекајќи го победникот од баражот меѓу Хондурас и Коста Рика. 

  • Групи за првата фаза на Копа Америка: 

Група А: Аргентина, Перу, Чиле, Канада/Тринидад и Тобаго
Група Б: Мексико, Еквадор, Венецуела, Јамајка
Група Ц: САД, Уругвај, Панама, Боливија
Група Д: Бразил, Колумбија, Парагвај, Хондурас/Костарика

Бранител на тронот од минатото издание е селекцијата на Аргентина, која повторно ќе биде предводена од Лионел Меси на овој собир. 

САД е домаќин на Копа Америка, ќе се игра вкупно на 14 стадиони на американско тло. Стартот на турнирот е на 20 јуни во Атланта со мечот меѓу Аргентина и Канада или Тринидад и Тобаго. По две селекции од четирите групи одат во четвртфиналето. 

Финалниот натпревар ќе се одигра на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, Флорида, на 14 јули следната година.