Ждрепка ЛШ: Елмас и Наполи добија ривал по мерка, реприза на ланското финале

Во седиштето на Европската фудбалска федерација (УЕФА) во Нион, се одржа извлекувањето за осминафиналето на Лигата на шампионите. Во најквалитетното европско клупско натпреварување групната фаза понуди некои изненадувања, елиминирани беа гиганти како Барселона и Јувентус, но и шешири кои ветуваа спектакл. 

Македонија има еден претставник во оваа фаза на Лигата на шампионите, Ељиф Елмас кој со Наполи ќе се судри со Ајнтрахт Франкфурт, ривал по мерка. Ждрепката во Нион посака интересни пресметки како реприза на ланското финале и судирот на гигантите ПСЖ и Баерн Минхен.

  • Осминафиналните парови во Лигата на шампионите: 

РБ Лајпциг - Манчестер Сити
Клуб Бриж - Бенфика
Ливерпул - Реал Мадрид
Милан - Тотенхем
Ајнтрахт Франкфурт - Наполи
Борусија Дортмунд - Челзи
Интер - Порто
ПСЖ - Баерн Минхен

Тимовите кои беа во првиот шешир ќе ги играат првите натпревари на гостински терен, а реваншите дома. Осминафиналето стартува на 14 и 15 февруари со првата половина дуели, додека втората е закажана за 21 и 22. Возвратните пресметки ќе се играат на седми и осми март, како и на 14 и 15. 

По осминафиналето повеќе нема да важат протекциите во ждрепките, па може да играат екипи од иста земја или група. Четвртфиналните пресметки се играат на средината на април, полуфиналните на средината на мај, а големото финале е закажано за 10 јуни на „Ататурк“ во Истанбул.