Ждрепка ЛЕ: Барди и Шишковски ги дознаа можните противници во плеј-офот

По ждрепката за плеј-офот од квалификациите за Лигата на шампионите, во Нион беше извршена и последната ждрепка од квалификациите во Лига Европа. 

Шампионот на Босна и Херцеговина, Борац Бања Лука, каде од ова лето меѓу стативите застана нашиот голман Дамјан Шишковски, ги дозна потенцијалните ривали во плеј-офот од Лига Европа. Откако беше елиминиран од ПАОК во Лигата на шампионите, Борац се пресели во Лига Евроша, каде во третото коло игра со Класвик, екипа од Фарски Острови. Доколку помине, ќе има загарантирано место во групите од Конференциската лига.

Но, Борац ќе се обиде да се избори за групна фаза во Лига Европа, а доколку го елиминира Класвик во последниот филтер ќе се сретне со поразениот од двомечот меѓу дански Митјиланд и унгарски Ференцварош.

Во овие квалификации ќе настапи и нашиот капитен Енис Барди, со својот Трабзонспор. Турскиот гигант во ова коло игра против Рапид Виена, а во случај да го елиминира австрискиот тим во следното ќе се сретне со победникот од дуелите меѓу Брага и Сервет.