Жанко Савов именуван за нов тренер на Осогово

По заминувањето на Александар Андов од клупата на второлигашот Осогово, клубот од Кочани брзо реагираше и го назначи Жанко Савов за нов предводник на тимот, кој започна разочарувачки во новата сезона на ВМФЛ.

Со Савов, Осогово добива одличен тренер кој екипата треба да ја подигне и мотивира за натпреварите кои следуваат. Тој деновиве го скенираше тимот и правеше анализи за поставеноста на играта.

Поранешниот фудбалер, зад себе има големо искуство како тренер водејќи ги Цементарница 55, Маџари Солидарност, Борец Тетекс, Македонија Ѓорче Петров, Победа Валандово и Детонит Радовиш како негов последен ангажман. Како играч долго време го носеше дресот на Вардар, а потоа настапуваше и за Цементарница, Беласица и Пелистер. На интернационална сцена играше во Јужна Кореја за тимот на Џонбука, како и за Раднички Ниш од Србија.

Осогово стартуваше очајно во новата сезона на ВМФЛ и по четири одиграни кола има нула бодиви и само еден постигнат гол.