Згуро: „Орелот“ беше затоа што сум Албанец, така славам секогаш

Вангел Згуро постигна гол за Струга Трим Љум во победата над Вардар (3-1) во Скопје. Но, неговата прослава пред клупите ги распали страстите затоа што многумина ја сфатија како провокација.

Сепак, Згуро ги разреши сите дилеми околу неговиот потег. Не се работи за провокација, туку затоа што тој е Албанец, а така ги слави сите голови, потврди Згуро во изјава за македонскиот медиум на албански јазик „ИнфоСпорт“.

„Прославив со „орел“ затоа што јас сум Албанец. Така славам секој пат, така беше и против Македонија ЃП и така ќе славам секој пат кога ќе постигнам гол. Сакам јавно да им посакам среќен Ден на знамето на сите Албанци, ноември е месец на празнување“, изјави Згуро.

Струга е бранител на титулата, а со победата над Вардар остана на два бода од водечките Шкендија и Шкупи.