Зголемени наградите: Македонија ќе добие 10,5 милиони ако се пласира на Мундијалот!

Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) донесе одлука за значително зголемување на наградниот фонд за Светското фудбалско првенство што ќе се одржи во 2026 година. Репрезентацијата што ќе ја освои светската титула ќе заработи дури 50 милиони американски долари, што претставува рекорден износ во историјата на Мундијалите.

Финалистот ќе инкасира 33 милиони долари, додека третопласираната селекција ќе добие 29 милиони, а четвртопласираната 27 милиони долари. Репрезентациите кои ќе стигнат до осминафиналето ќе заработат по 15 милиони долари.

Сите селекции што ќе учествуваат на турнирот, вклучувајќи ги и оние што ќе бидат елиминирани во групната фаза, ќе добијат 9 милиони долари, а дополнително ФИФА ќе исплати и 1,5 милион долари за подготовки, што значи дека секој учесник е загарантиран со најмалку 10,5 милиони долари. Така и Македонија може значително да ја наполни касата ако ги победи мартовските баражи.

Светското првенство во 2026 година ќе биде историско и по тоа што за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, а домаќини ќе бидат Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. Очекувањата се дека турнирот ќе донесе рекордна гледаност и приходи, како и дополнителен развој на фудбалот на глобално ниво.