• Мартин Танасковски
Тетовска Шкендија со добриот коефициент кој си го изгради низ настапите во Европа низ годините, а и лани во Конференциската лига на УЕФА, си изгради статус на носител во евро-куповите и затоа имаше поволна ждрепка.
Во првото квалификациско коло за Конференциската лига, Шкендија има зицер кој не смее да го промаши. Тоа е Европа од Гибралтар, клуб кој го носи прекарот „зелена машина“, вреден само 1.000.000 евра и далеку од сериозен конкурент на теренот, барем на хартија.
Се работи за клуб кој беше трети во Гибралтар, а кога ќе се погледнат резултатите, далеку е Европа за Европа. Тимот само еднаш има пројдено прво коло во УЕФА натпреварувањата, тоа беше во 2017 кога го елиминира ерменски Пјуник.
Досега, Европа има десет сезони во евро-куповите, а билансот е три победи, три ремија и осумнаесет порази. Во последната евро-сезона во која клубот играше, тоа беше во 2023/24, испадна од Дуќанџини од Косово со два порази (2-3 и 1-2).
Во ростерот Европа нема познати имиња. Се работи за мешавина на играчи, од повеќе европски, азиски и африкански земји. Најбројни се Шпанците, очекувано, со оглед на близината на малата земја со Шпанија.




