• Мартин Танасковски
Фудбалерот на Шкендија, Арбин Зејнулаи, кој се повреди на натпреварот против полскиот Јагјелонија во рамките на третото коло од Конференциската лига на УЕФА, помина детални лекарски прегледи кои, за среќа, не открија посериозна повреда.
Инцидентот се случи во 40-тата минута од натпреварот кога Зејнулаи доби силен удар во лицето и за момент ја изгуби свеста. Благодарение на брзата и професионална реакција на медицинскиот тим, состојбата веднаш беше ставена под контрола, а играчот беше заменет од претпазливост за да не се ризикува неговото здравје.
Како што соопшти медицинскиот штаб на клубот, сите процедури се спроведени во согласност со протоколите за ваков тип на повреди. Ден по натпреварот, фудбалерот беше подложен на рендгенски преглед, кој потврди дека нема никакви сериозни оштетувања. Според лекарските препораки, Зејнулаи ќе мирува неколку дена по што се очекува постепено да се приклучи на тренинзите со остатокот од тимот.
Oд таборот на Шкендија изразија задоволство што ситуацијата заврши без потешки последици и му посакаа на Зејнулаи брзо закрепнување и што поскоро враќање на теренот.





