Здравковски емотивно се збогува со АЕЛ Лимасол: Имав привилегија да го носам овој дрес...

Давор Здравковски по шест години реши дека е време за нов предизвик и не го продолжи договорот со АЕЛ Лимасол. Кипарскиот тим и македонскиот играч за врска се разделија по крајот на сезоната, а 25-годишникот ќе побара нова авантура. 

Поради шесте успешни години во кои Здравковски беше стандарден и неизоставен дел од тимот на АЕЛ, фудбалерот со емотивна порака се прости од навивачите, соиграчите и сите во клубот. 

„Оваа земја, овој град...

Ќе започнам со тоа дека во овие шест ипол години имав привилегија да го носам овој дрес и да го претставувам овој клуб. Постојат многу работи во животот кои не можат да се објаснат, а тоа што клубот го направи за мене е една од тие работи. 

За време на мојот престој тука имав привилегија да работам со неверојатни луѓе. Од тренери, до стручен штаб, медицински персонал и сите мои соиграчи. Ви благодарам за убавите моменти кои ги минавме заедно на и надвор од теренот. Повеќе од 170 натпревари, со соиграчите освоив Куп-трофеј, а тоа ќе ми биде во срцето. 

Морам да им се заблагодарам на најверните фанови. Ме прифативте со отворени раце од првиот ден и ме поддржувавте низ целиот пат. Вие сте силата на клубот и секогаш давате помош на теренот.

Дојде време за нов предизвик за мене, па довидување. Еднаш лав, засекогаш лав!“, напиша Здравковски на социјалните мрежи. 

Во кипарската екипа Здравковски дојде од редовите на Македонија Ѓорче Петров во 2017 година. Сега, по шест години ќе побара нова средина за продолжување на кариерата. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.