Зборовите на Дон Карло биле извртени – Реал Мадрид ќе игра на СКП!

Екипата на Реал Мадрид објави соопштение по повод написите дека нема да биде дел од Светското клупско првенство (СКП) формирани по наводна изјава на тренерот Карло Анчелоти.

Од кралскиот клуб истакнаа дека тие ќе бидат присутни на настанот од ФИФА, а исто така Анчелоти соопшти дека неговите зборови за СКП биле извртени.

„Во ниту еден момент не е доведено во прашање нашето учество на новото Светско клупско првенство што ќе го организира ФИФА во следната сезона за 2024/2025 година. Ќе се натпреваруваме како што е планирано во ова официјално натпреварување со кое се соочуваме со гордост и со најголем ентузијазам за да ги натераме нашите милиони фанови ширум светот повторно да сонуваат за нова титула“, потврдија од Реал Мадрид.

„Во моето интервју за „Ил Џорнале“, моите зборови за Светското клупско првенство на ФИФА не беа толкувани на начинот на кој јас сакав“, изјави Карло Анчелоти за клупската страница.

Реал Мадрид е актуелен шампион на Европа, а на настанот кој ќе се одржи во САД за првпат во историјата ќе играат 32 екипи.