• Сашо Поповски

Конечната разврска во Втората македонска фудбалска лига ќе се знае попладнево, кога ќе се одиграат натпреварите од последното 27. коло од тековната сезона.
Победа и Силекс уште минатата недела го потврдија кам-бекот во елитата. Останува да се пополнат уште две места, кои ќе ги дадат имињата на екипите кои преку баражот ќе бркаат место во најдобриот македонски шампионат.
Воска Спорт и Вардар се кандидати во ВМФЛ-Запад, а Беласица и Слога Виница водат „мртва трка“ во ВМФЛ-Исток. Охридскиот второлигаш не треба да загуби на гостувањето кај лидерот, а вардарци ќе се надеваат на кикс и со победа над Кораби ќе сонуваат за пласман на второто место на табелата. Слога ќе има тешка задача и ќе ја пречека Победа, а Беласица ќе гостува кај Кожуф од Гевгелија, во надеж дека ќе го одбрани налетот на својот ривал.
Велешта, Кадина, Братство и Локомотива испаднаа ранг подолу. Последна надеж имаат Осогово, кој заостанува два бода зад засега безбедниот тим на Пехчево, и Кораби, кој го брка Охрид.
Сите натпревари од ВМФЛ се играат денес во терминот од 17:00 часот.