• Иван Димовски
Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски ќе остане прв избор на голот на Валенсија до крајот на сезоната, откако неговиот конкурент Хулен Агирезабала мораше на операција.
Шпанскиот чувар на мрежата беше подложен на хируршки зафат поради повреда на менискусот и според првичните прогнози ќе паузира неколку месеци. Дел од медиумите во Шпанија дури најавуваат дека за Агирезабала сезоната е завршена и дека неговата мисија во Валенсија е при крај, по што ќе се врати во Атлетик Билбао.
Во меѓувреме, Димитриевски веќе неколку натпревари е стандарден меѓу стативите на „лилјаците“ и засега ги оправдува очекувањата. Македонскиот голман бележи подобри бројки во однос на својот колега, а со него на голот Валенсија има позитивен скор.
Благодарение на тие резултати, тимот од „Местаља“ во моментов се наоѓа пет бода над опасната зона во Примера.




