• Горан Упале
Поранешниот европски шампион, Порто, во саботата доцна навечер доби нов претседател - Андре Виљаш Боаш! Поранешниот тренер на тимот од „Драгао“, освојувачот на Лига Европа со овој клуб и човекот кој подоцна ги водеше Челзи, Тотенхем, Зенит и Олимпик Марсеј, на почетокот на годината се одлучи на ваков потег, што не беше премногу големо изненадување, бидејќи тоа го најави уште од поодамна.
Со тоа Вилаш-Боаш стави крај на 42-одишното владеење на Хорхе Пинто да Кошта. Славниот претседател на Порто има 86 години и е човекот кој најдолго во историјата е на чело на фудбалски клуб. Покрај тоа, со Порто освои 68 трофеи, што го издвојува во фудбалскиот свет. Ниту овие избори не поминаа без контроверзии, бидејќи Вилаш-Боаш претходните денови беше соочен со заплашување, но убедливо го совлада главниот противник.
Она што сега е важно да се истакне е дека новиот договор до 2028 година што актуелниот тренер Серхио Консеисао го потпиша со Порто пред неколку дена е неважечки! Тој ќе важеше само доколку Пинто да Кошта добиеше нов мандат, па Виљаш Боаш ќе одлучува за судбината на актуелниот стратег на Порто.