ВИДЕО: Затоа вреди 250 милиони – Кубо си поигра со Рамос и цела одбрана на Реал

Кубо

Јапонецот Такефуса Кубо имаше можност да ги покаже своите квалитети против својата екипа Реал Мадрид. Големиот талент на светскиот фудбал одигра фантастично во поразот на Мајорка, каде што игра како позајмен фудбалер.

19-годишникот се очекува да блесне за „кралевите“ во наредните неколку години, но пред тоа ќе мора да напредува во друга средина. Зинедин Зидан смета дека тој не е деоволно зрел за да биде првотимец, па му овозможува минутажа со тоа што го позајми на Балеарските острови.

Со три гола и три асистенции во тековната сезона, младиот офанзивец е незаменлив во редовите на Мајорка. Дека од него зависат многу работи во екипата покажа и на дуелот во Мадрид, каде се истакна со неколку потези.

Социјалните мрежи се преполни со реакции околу неговиот дриблинг во дуелот еден на еден со Серхио Рамос. Штета што одличната соло-акција не ја круниса со погодок, туку го погоди само надворешниот дел од мрежата на Тибо Куртоа.

Реал запиша четврта победа во низа и се врати на врвот на Примера. До крајот на сезоната во Шпанија остануваат уште седум кола.